ТИРЗ и Стопанската комора на Северна Македонија започнаа нов концепт и соработка под мотото „Иднината почнува дома“, кој промовира млади визионери, креатори, двигатели на идните промени. Целта на иницијативата е креирање платформа преку која веќе успешни млади ќе ги мотивираат младите. Младите кои се дел од проектот се успешни луѓе од различни сфери – од домашни компании, од компании во ТИРЗ како и средношколци и студенти. Во своите обраќања, претседателот на државата Стево Пендаровски и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски истакнаа дека целта на проектот е да ги инспирира и охрабри сегашните и идните млади да градат кариери во земјава, да покажат и мотивираат со сопствените примери дека иднината може да почнува дома. Пендаровски порача дека младите и се потребни на државата, но дека и државата и реалниот сектор мора да им овозможат најдобри услови за нивните кариери навистина да ги градат тука.

-Ако вашата иднина ја градите тука, тоа ќе биде важно за државата, за локалната заедница од која
сте дел, но и за вашите родители и најблиски. Да бидам искрен, тоа е и моја надеж како родител. Го охрабрувам секој од вас да биде активен учесник во оваа иницијатива, прифатете ја можноста да бидете двигатели на промените, да придонесете за напредокот на земјата и самите да ја обликувате сопствената иднина, рече Пендаровски.

„Наша цел е младите да ги задржиме во државава“ изјави Деспотовски и посочи дека целта е да не се зборува за политика, туку поддршка на младите да зборуваат сами за себе и своите успеси, како мотивација за сите млади.

„Еден драг пријател ми кажа на што го асоцира ТИРЗ: Вие сте транспарентни. Имате иницијатива.
Имате револуционерни идеи. И најважно од се – сѐ правите заедно. Еве сме заедно со Стопанската комората, со претседателот, со претставници на успешни македонски компании, вработените и практикантите во ТИРЗ, учесниците на две светски олимпијади. Целта на кампањата не е да зборуваме за политика, ниту сами за себе. Целта е младите да зборуваат за младите. Кампањата почнува сега и нема да има крај – ќе трае се додека не ја постигнеме целта, а тоа е не кога ќе го запреме трендот на раселување, туку ќе го вратиме и последниот човек што се иселил,“ рече Деспотовски.

Тој додаде и дека “целта која уште пред неколку години си ја поставивме во ТИРЗ за европски работни места, добро платени работни места сакаме да се прошири на општество.“

„Очекувам сите останати институции и партнери да се вклучат и да продолжат заеднички со нас во реализација на една заедничка цел, да го намалиме трендот на иселување, да ги убедиме младите луѓе дека иднината почнува дома. Јас сум татко на три деца и сакам на моите деца иднината навистина да им почне дома, и им почнува дома. Тоа треба да е сите деца во оваа држава. Продолжуваме заедно напред сите,“ рече Деспотовски. На промоцијата на проектот се обратија и по еден претставник од номинираните од листите на Стопанската комора и на ТИРЗ – Андреја Серафимовски од АД Гранит Скопје и Николија Златевска, ученичка во средното училиште „Васил Антевски-Дрен“ во Скопје.

„Оваа номинација ми дава надеж дека нешто кај нас и вреди и дека треба да се грижиш и да постигнеш и некој да ти даде признание без тоа да го бараш, а тоа е ретка можност. Вреди да се трудиш и вреди да останеш во нашата земја“, рече Серафимовски.

Средношколката Златевска се заблагодари за номинацијата за „двигател на промени“ и рече дека тоа за неа е голема одговорност.

„Стојам овде со неизмерна благодарност и длабоко чувство на одговорност како номинирана за „Двигател на промени“. До сега како практикант, од прва рака бев сведок на неверојатниот потенцијал што лежи во доменот на напредокот. ТИРЗ, како катализатор за промени, ми обезбеди средина која ја негува креативноста и поттикнува храбри идеи. Привилегија е да се биде дел од институција која ја разбира важноста на зајакнувањето на следната генерација, непоколеблива во нејзината поддршка и менторство на младите таленти,“ рече Златевска.

Инаку во рамки на проектот, десет млади се номинирани за „двигател на промени“ од ТИРЗ и и Претседателот, а десет се номинирани од Стопанската комора. Ова се примери на луѓе кои успешно градат кариера, започнуваат или наследуваат бизниси. Покрај нив, оваа прва листа на номинирани ќе содржи уште 12, за да се стигне до вкупно 32 млади што ќе симболизира 32 години од независноста на државава и нејзиниот иден раст и развој. Тие 12 ќе ги номинира јавноста – граѓаните до 10 јануари 2024 преку креираната веб-страница на проектот (idninadoma.mk) ќе можат да предложат некого што познаваат за кој сметаат дека заслужува да се најде на листата „локален херој, инспиративен едукатор, иновативен претприемач или страстен активист“.